Бројот на пријавени случаи на сексуални злосторства против малолетници во Германија продолжува да расте, покажува најновиот извештај на Федералната канцеларија за криминал (BKA), кој открива загрижувачки податоци за состојбата со заштитата на децата.
Според извештајот „Сексуални злосторства против млади луѓе и деца“, германската полиција во 2025 година регистрирала 17.126 случаи, што е зголемување за 772 случаи во споредба со претходната година. Во однос на 2021 година, бројката е поголема за околу 1.600 пријавени случаи.
Анализата покажува дека најголем дел од жртвите се девојчиња, а во многу од случаите сторителите и жртвите претходно биле поврзани на некој начин. Тоа значи дека често станувало збор за лица од блиското опкружување на детето, вклучително и луѓе кои имале контакт со семејството.
Особено внимание во извештајот е посветено и на зголемувањето на нелегалните материјали со злоупотреба на деца. Според податоците, бројот на пријавени случаи поврзани со ваква содржина се зголемил за околу 20 проценти.
Германските власти посочуваат дека дополнителен проблем претставува и растот на онлајн злоупотребите, вклучително и преноси во живо на криминални дејствија врз деца. Во извештајот се наведува дека во одредени вакви случаи Филипините биле идентификувани како една од земјите каде што е регистриран значителен број на вакви кривични дела.
„Бројот на кривични дела поврзани со сексуално насилство врз малолетници останува алармантно висок. Мора подобро да ги заштитиме децата, особено во дигиталниот свет“, изјавил германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт при претставувањето на извештајот.
Според документот, бројот на осомничени лица исто така се зголемил – од 12.368 на 12.823. Во најголем број случаи станувало збор за мажи кои дејствувале сами.
Федералната канцеларија за криминал предупредува дека официјалните бројки ги опфаќаат само случаите кои биле пријавени и обработени од полицијата. Поради тоа, експертите сметаат дека постои и значителен број случаи кои никогаш не стигнале до надлежните институции.
Германските власти најавуваат дека борбата против сексуалната злоупотреба на деца, особено преку интернет, останува еден од главните приоритети во безбедносната политика.










