Паника и вознемиреност го зафатија Менхетен откако поранешен припадник на американската Армија бил уапсен по инцидент пред зградата на Федералното истражно биро (ФБИ), каде што се наоѓа и канцеларијата на Службата за имиграција и царина (ICE).
Според информациите од ФБИ, осомничениот е идентификуван како 43-годишниот Ендру Арабака, поранешен воен механичар кој бил задолжен за одржување на ракетните системи „Патриот“.
Помошник-директорот на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Џејмс Барнакл, соопшти дека Арабака бил приведен и се наоѓа на распит, додека засега против него официјално не се поднесени обвиненија.
Според истрагата, осомничениот утрото пристигнал пред зградата на Федерал Плаза број 26 и детонирал запалива направа, по што избувнал пожар. Инцидентот се случил околу 8:20 часот по локално време.
„Дошол со намера да повреди и загрози луѓе“, изјавил Барнакл, додавајќи дека осомничениот бил совладан од обезбедувањето веднаш по избувнувањето на пожарот.
Од ФБИ информираа дека кај Арабака биле пронајдени различни предмети, а според властите тој бил вооружен со повеќе средства. Наводно, тој испукал неколку куршуми од воздушна пушка кон зградата.
Барнакл го опиша осомничениот како „антиамерикански, антивладин екстремист“ и посочи дека тој со себе имал количка со материјали насочени против ICE. Според полицијата, на количката имало порака поврзана со имиграциската агенција, а за време на апсењето тој извикувал навреди кон службата.
Комесарката на полицијата во Њујорк, Џесика Тиш, изјави дека осомничениот носел шлем во воен стил.
За време на испрашувањето, според ФБИ, Арабака признал дека намерно ја избрал зградата како цел. Надлежните велат дека истрагата продолжува за да се утврдат сите детали околу неговите мотиви и подготовките за нападот.
Во инцидентот биле повредени три лица – еден цивил и двајца владини службеници. За среќа, повредите биле полесни.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го оцени настанот како „длабоко вознемирувачки“, но истакна дека е олеснително што нема сериозно повредени и дека осомничениот е во притвор.
„Нашата администрација ќе продолжи да работи за да се осигури дека секој жител на Њујорк е безбеден во својот град и ќе ги повика на одговорност сите што ќе се закануваат дека ќе го сторат тоа“, изјави Мамдани.
Зградата на Федерал Плаза број 26 е една од значајните федерални локации во Њујорк, каде што се сместени канцеларијата на ФБИ, имиграцискиот суд, како и други државни институции.
Инцидентот се случува во период кога во САД се зголемени протестите поврзани со имиграциските политики и работата на ICE. Во последните месеци, пред оваа зграда се одржуваа повеќе демонстрации поради постапките на федералните имиграциски служби.









