ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Дронови летале кон Москва: Активирана руската ПВО, затворен дел од автопатот М8

(ВИДЕО) Дронови летале кон Москва: Активирана руската ПВО, затворен дел од автопатот М8

Украински беспилотни летала утрово биле регистрирани над Москва, Московскиот регион и Јарославската област, по што руските власти ја активирале противвоздушната одбрана и вовеле безбедносни мерки.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопштил дека руската ПВО уништила два дрона кои се движеле кон главниот град.

Според него, екипи на итните служби биле испратени на местата каде што паднале остатоците од беспилотните летала.

Во Московскиот регион, над Павловски Посад, бил забележан густ црн чад. Засега нема официјална потврда што точно го предизвикало.

Затворен дел од автопатот кон Москва

Сериозна безбедносна операција била спроведена и во Јарославската област. Гувернерот Михаил Јевраев предупредил на опасност од дронови и соопштил дека руската армија и безбедносните служби работат на одбивање на нападот.

Поради ситуацијата бил затворен дел од автопатот М8 во правец кон Москва.

Промени биле воведени и во јавниот превоз во Јарослав. Некои линии биле пренасочени или скратени, додека дел од меѓуградските автобуси привремено престанале да сообраќаат по затворената делница.

Рускиот медиум „Астра“ објавил дека на социјалните мрежи се појавиле фотографии на кои наводно се гледаат оштетени прозорци на објекти, но засега нема официјални информации за точните цели и обемот на евентуалната штета.

Предупредувања поради опасност од беспилотни летала биле издадени и во Владимирската и Ивановската област, како и во делови од Московскиот регион.

Засега нема официјално потврдени информации за жртви во нападите.


Видео: