ПРВ.мк
Свет

Половина година никој не го видел новиот врховен лидер на Иран: „Дали е воопшто жив?“

Половина година никој не го видел новиот врховен лидер на Иран: „Дали е воопшто жив?“

Шест месеци откако Моџтаба Хамнеи беше поставен за врховен лидер на Иран, тој не се појавил ниту еднаш пред јавноста – нема фотографија, видеоснимка, па дури ни аудиопорака со неговиот глас, објави Ројтерс.

Неговото продолжено отсуство предизвикува сè повеќе прашања во Иран, особено во момент кога земјата се соочува со последиците од војната, економски проблеми и важни одлуки за идниот однос со САД.

Ирански функционери и извори блиски до власта тврдат дека Хамнеи е жив, дека неговата здравствена состојба значително се подобрила и дека тој продолжува да го има последниот збор за најважните државни прашања. Неговата изолација ја објаснуваат со сериозните повреди и опасноста од нов обид за атентат.

Сепак, јавноста нема можност независно да ги потврди овие тврдења.

Шест месеци без фотографија или снимка

Од неговото назначување, пораките на Хамнеи до иранскиот народ биле пренесувани исклучиво преку писмени соопштенија што ги читале телевизиски водители.

Тој не се појавил ниту за време на повеќедневните погребни церемонии за неговиот татко, што дополнително ги поттикнало шпекулациите за неговата здравствена состојба.

„Прашањето повеќе не е дали Моџтаба е жив, туку дали Иран сè уште има функционален врховен лидер“, оценил Алекс Ватанка од Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон.

Сомнежи има дури и меѓу поддржувачите на иранскиот систем. Член на доброволната милиција Басиџ за Ројтерс изјавил дека јавноста треба барем да го слушне гласот на лидерот или да добие некаков знак дека тој навистина ја води земјата.

Од друга страна, дел од противниците на власта отворено прашуваат дали Хамнеи воопшто е жив.

Властите тврдат дека тој и понатаму одлучува

Според повеќе високи ирански извори со кои разговарал Ројтерс, Хамнеи редовно одржува состаноци со највисоките функционери, ги добива најважните извештаи и лично ги одобрува клучните одлуки.

Претседателот Масуд Пезешкијан на 10 август изјавил дека имал седумчасовен состанок со него.

Наводно, само мал круг луѓе има директен контакт со врховниот лидер, а неговата локација и детали за состојбата се чуваат во строга тајност поради страв дека би можеле да стигнат до американските или израелските служби.

Според извори на Ројтерс, Моџтаба бил сериозно повреден во воздушните напади на 28 февруари, во кои загинал неговиот татко. Повредите наводно оставиле и видливи последици на неговото лице.

Револуционерната гарда добива сè поголема моќ

Додека Хамнеи останува далеку од јавноста, Револуционерната гарда дополнително го засилила своето влијание во иранскиот политички и безбедносен систем.

Според изворите на агенцијата, клучните одлуки се концентрирани околу Врховниот совет за национална безбедност, во кој значајна улога имаат највисоките воени команданти, претседателот Пезешкијан и претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф.

Истовремено, економските последици од конфликтот и проблемите со извозот на нафта дополнително го зголемуваат притисокот врз властите.

Во такви околности, долгото отсуство на човекот кој според иранскиот систем треба да го има последниот збор создава дополнителна неизвесност.

Според Ватанка, секој евентуален договор со Вашингтон или одлука за продолжување на конфликтот би барале јасно одобрување од Хамнеи. Проблемот, оценува тој, е што неговото отсуство од јавноста остава простор различни центри на моќ да тврдат дека токму тие знаат што сака врховниот лидер.

Засега, според Ројтерс, иранските власти инсистираат дека Хамнеи е активен и ја задржува конечната власт, но независен јавен доказ за неговата моментална состојба не е објавен.