ПРВ.мк
Свет

Зеленски се огласи за изборите во Србија, Вучиќ не го ни спомена

Зеленски се огласи за изборите во Србија, Вучиќ не го ни спомена

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи по победата на Студентската листа на предвремените парламентарни избори во Србија, испраќајќи порака во која ги поздрави политичките промени и изрази надеж за продлабочување на односите меѓу двете држави.

Неговата реакција следува по изборниот пораз на Српската напредна странка, кој Александар Вучиќ го призна по речиси две години студентски и граѓански протести.

Она што привлече внимание е фактот дека Зеленски во својата порака воопшто не го спомена Вучиќ.

„Во Србија се случија промени – победи Студентската листа. Ова очигледно е ново поглавје во историјата на земјата и нејзиниот народ. На Србија ѝ посакуваме успех, вистински развој и срдечни односи со европската заедница“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Украинскиот претседател во својата објава упати и благодарност до Србија за почитувањето на украинскиот народ, државата и нејзината независност.

„Ние во Украина ѝ благодариме на Србија што ги почитува нашиот народ, нашата држава и нашата независност“, истакна Зеленски.

Тој нагласи дека Украина се радува на заедничките достигнувања што придонесуваат за зајакнување на општествата и создавање нови можности за граѓаните.

Зеленски порача дека Киев е подготвен дополнително да ја прошири соработката со Белград, изразувајќи надеж дека ќе се исполнат очекувањата на српските граѓани.

„Подготвени сме да продолжиме да ја прошируваме нашата соработка и нека се остварат сите добри надежи на народот на Србија!“, порача украинскиот претседател.

Неговата реакција е дел од низата меѓународни пораки што пристигнуваат по изборите во Србија, додека вниманието на јавноста е насочено кон формирањето на новата власт и идниот надворешнополитички курс на земјата.