Непосредно пред почетокот на свечената церемонија за доделување на престижната Златна топка за 2026 година, се случи неочекуван пропуст на официјалната интернет-страница на наградата, кој предизвика голема забуна меѓу фудбалските фанови.
На страницата накратко биле објавени текстови посветени на неколку потенцијални добитници, поради што дел од јавноста помислила дека имињата на победниците се откриени пред официјалното прогласување.
Меѓу објавените текстови биле оние за Хари Кејн, Ламин Јамал и Килијан Мбапе, кои се меѓу главните фаворити во машката конкуренција. Во женската конкуренција се појавиле и текстови за Алексија Путељас и Ева Пајор.
Објавите биле достапни само неколку минути, по што биле отстранети.
Организаторите: Не се откриени вистинските победници
По реакциите во јавноста, организаторите итно објавиле официјално соопштение во кое потврдиле дека станува збор за техничка грешка.
„Портретите на некои од номинираните за Златната топка, подготвени од ballondor.com, ненамерно беа објавени на интернет. Овие текстови се однапред подготвени за сите номинирани во случај на победа. Тие на никаков начин не го откриваат конечниот пласман, кој во овој момент останува непознат за сите“, соопштиле организаторите.
Тие се извиниле за пропустот и нагласиле дека објавените материјали не претставуваат потврда за победниците.
Интересно е што ова не е прв ваков случај. Претходно, при објавувањето на номинациите, на истата интернет-страница предвреме се појавиле профили на неколку фудбалерки, кои потоа биле повлечени.
Со официјалното соопштение организаторите се обидоа да ги отстранат шпекулациите и да разјаснат дека имињата на добитниците не биле откриени со техничкиот пропуст.








