Земјотрес со магнитуда 5,9 го погоди источниот дел на Јапонија, вклучително и поширокото подрачје на Токио, околу 2 часот по полноќ по локално време. Во земјотресот биле повредени најмалку 37 лица, главно со полесни повреди, а надлежните соопштија дека нема опасност од цунами.
Според Јапонската метеоролошка агенција, епицентарот бил во јужниот дел на префектурата Ибараки, на длабочина од околу 70 километри. Американскиот геолошки институт регистрирал магнитуда од 5,8.
Најмногу повредени се регистрирани во Токио, каде што биле повредени 15 лица. Во Саитама има девет повредени, во Канагава осум, во Чиба четири, а едно лице е повредено во Ибараки. Повеќето од нив паднале или се удриле во мебел и врати бидејќи земјотресот ги затекнал додека спиеле. Дел од повредите настанале и при станување од кревет во паника. Во Јокохама, жена во осумдесеттите години паднала од кревет и се здобила со тешка повреда на колкот.
Земјотресот предизвикал и проблеми во железничкиот сообраќај. Доцнења имало кај брзите возови кои го поврзуваат Токио со аеродромот Нарита, како и на дел од локалните железнички линии кон североисточниот дел на земјата. Возовите Шинкансен, сепак, продолжиле да сообраќаат нормално.
Во источниот дел на Токио пукнала и подземна водоводна цевка, по што водата се излеала на улица. Дефектот бил саниран, а истекувањето запрено.
Јапонската влада формирала кризен штаб за проценка на последиците од земјотресот. Метеоролошките власти ги повикаа жителите на погодените подрачја да бидат внимателни поради можноста во текот на следната недела да се случи нов умерен земјотрес.
Од јапонските нуклеарни власти соопштија дека засега нема регистрирани неправилности во работата на нуклеарните централи и другите постројки каде што се ракува со нуклеарни материјали.






