Во Словенија е откриена најголемата нелегална фабрика за производство на цигари во земјата, а вредноста на запленетата стока се проценува на околу 30 милиони евра.
Фабриката била сместена во индустриска хала во зоната Тримлини, во близина на Лендава и граничниот премин Петишовци.
Откритието следувало откако службеници на словенечката финансиска управа запреле камион на патот меѓу Лендава и Петишовци, што довело до поширока истрага.
Но, покрај нелегалното производство, истражителите наишле и на загрижувачки информации за условите во кои престојувале работниците.
Според неофицијални информации, во халата биле пронајдени најмалку 20 странски државјани, наводно од Парагвај, за кои постојат сомневања дека биле принудени да работат за криминална организација.
Работниците наводно им раскажале на истражителите дека биле заклучени во фабриката и дека најмалку 25 дена не виделе дневна светлина.
Тие спиеле во истата хала во која работеле, а храната им била доставувана единствено во вечерните часови.
Словенечката полиција потврдила дека, покрај нелегалното производство на цигари, се истражуваат и сомневања за трговија со луѓе.
Постојат и сомневања дека организаторите на нелегалното производство биле поврзани со меѓународни криминални мрежи.
Според првичните проценки, заплената вредна околу 30 милиони евра се вбројува меѓу поголемите акции од ваков вид во Европската Унија во последниот период.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат кој стоел зад фабриката и дали работниците биле жртви на организирана трговија со луѓе.








