Околу 70 мачки биле пронајдени во стан од само 47 квадратни метри во хрватскиот град Риека, каде што животните живееле во исклучително лоши хигиенски услови, опкружени со купишта отпад и вреќи полни со измет.
Волонтерите од здружението „Kitten Safe House“ започнале акција за спасување, очекувајќи дека во станот ќе затекнат околу 25 мачки. Меѓутоа, наишле на речиси трипати поголем број животни.
Во првата фаза од акцијата биле згрижени 35 возрасни мачки и 17 мачиња, стари од само еден до 20 дена.

Според волонтерите, дел од животните биле скриени зад плакари и меѓу натрупаниот отпад, а многу од нив биле во лоша здравствена состојба.
Во спасувањето учествувале ветеринарната инспекција, полицијата, социјалните служби, комуналните служби и други надлежни институции.

Спасените животни се сместени кај волонтери и се подложени на ветеринарни прегледи, додека се организира згрижување и на преостанатите мачки.
Од здружението апелираат до граѓаните за помош со храна, песок за мачки, подлоги и финансиски донации.
Според првичните проценки, ветеринарните трошоци би можеле да изнесуваат околу 100 евра по мачка, додека градските власти се очекува да ги покријат трошоците за стерилизација.

По завршувањето на карантинот, волонтерите ќе се обидат да им најдат нови домови на животните.
Акцијата за спасување продолжува, а полицијата треба да ги утврди околностите под кои толкав број мачки биле чувани во несоодветни услови.
Видео:







