Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека се потпишани протоколи за дисперзирана терапија за мултиплекс склероза со Универзитетската клиника за неврологија, Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје и Клиничката болница Штип.
Со новиот модел, значителен број пациенти повеќе нема да мора секој месец да патуваат во Скопје за да ја примат или подигнат терапијата.
Досега сите 835 пациенти кои се на имуномодулаторна терапија биле упатувани на Клиниката за неврологија во Скопје. Од нив, 491 пациент живее надвор од скопскиот регион, што за многумина значело редовни патувања, често и со придружник.

Со новата организација, терапијата ќе се воведува на Клиниката за неврологија, додека наредните дози ќе можат да се примаат во регионалните центри.
Предвидени се и контроли на секои шест или 12 месеци, со можност за дигитален конзилиум. Во регионалните центри ќе можат да се даваат и современи биолошки лекови во субкутана форма.

Според Клековски, до 692 пациенти, односно околу 83 проценти од вкупниот број, ќе можат терапијата да ја добиваат поблиску до местото на живеење.
Преминот кон регионален центар ќе биде доброволен и ќе се спроведува со писмена согласност на пациентот.
Министерот оцени дека новиот модел носи двојна придобивка – помал товар за пациентите и нивните семејства, но и проширување на улогата и капацитетите на регионалните болници.
Клековски посочи и дека ваквиот пристап може да биде основа за слична децентрализација и во други области, вклучително и во онкологијата.
Тој упати благодарност до Клиниката за неврологија, трите болници и Здружението за мултиплекс склероза, чии долгогодишни барања со овој чекор добиваат конкретен одговор.









