ПРВ.мк
Македонија

СТРУЈАТА БЕЗ ПОСКАПУВАЊЕ ДО ДЕКЕМВРИ: Се откри што ќе бара Владата од 1 јануари и дали ќе има промени во тарифите!

СТРУЈАТА БЕЗ ПОСКАПУВАЊЕ ДО ДЕКЕМВРИ: Се откри што ќе бара Владата од 1 јануари и дали ќе има промени во тарифите!

Цената на електричната енергија ќе остане непроменета до крајот на оваа година, а Владата ќе се заложи да го задржи истото ниво и по 1 јануари. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека одржувањето на стабилноста во енергетскиот сектор е еден од приоритетите на Владата.

Мицкоски посочи дека ваквата определба доаѓа во период на сериозна енергетска криза, во која цените на енергентите во Европа и регионот достигнуваат рекордни нивоа.

„Приоритет на оваа Влада е да ја одржи енергетската стабилност. Ние тоа го правиме во услови на најголема енергетска криза во светот што човештвото ја памети. Секаде во регионот и во Европа цените на енергентите пробиваат рекорди“, изјави премиерот.

Тој посочи дека во одредени европски држави цената на дизелот и безоловниот бензин веќе надминала три евра за литар, додека во Македонија сè уште е под 1,6 евра за литар. Според Мицкоски, ова е резултат на политиките што ги спроведува Владата, а истиот пристап планира да го задржи и кога станува збор за електричната енергија.

„Во таа насока планираме да продолжиме и кога станува збор за електрична енергија. Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа впрочем го правиме во три регулаторни периоди“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека АД ЕСМ не е единствената компанија што бара корекција на цените. Според него, барања има и од други компании, како и од операторот и дистрибутерот на електрична енергија, приватната компанија ЕВН. Тој смета дека и нивните ставови треба да бидат земени предвид при оценувањето на можните промени.

Мицкоски не се согласува со оценките дека цената на струјата најмногу зависи од АД ЕСМ. Тој нагласи дека во актуелните услови на енергетските берзи нема да биде понудена цена пониска од 65 евра.

„Не, во овие услови какви што се денеска на берзите и 65 е трипати пониска од онаа што ја плаќаат во соседството и граѓаните во Европа“, изјави премиерот.

Тој повтори дека Владата ќе се обиде да ја задржи постојната цена на електричната енергија и дека до декември не се очекува нејзино зголемување.

Сепак, за периодот по Нова година, Мицкоски рече дека треба да се почекаат ставовите на енергетските компании, пред да се донесат заклучоци за евентуалните промени.

„Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија“, истакна тој.

Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште во скопската населба Ченто.

Премиерот воедно потврди дека засега не се планираат измени во тарифните блокови за електричната енергија.