Германскиот Закон за зајакнување на пристапноста (BFSG) започна да се применува од 28 јуни 2025 година, со што се спроведува европската директива за пристапност на производите и услугите. Овој закон ги опфаќа банкоматите, но и другите самоуслужни апарати и одредени банкарски услуги.
Гласновни инструкции и полесно користење на екранот
Целта на овие прописи е сите корисници да можат самостојно да извршат трансакција, без посебни потешкотии и без потреба од туѓа помош.
Барањата за пристапност опфаќаат:
- Гласовни упатства и можност за користење сопствени слушалки, што на слепите и слабовидните лица им го олеснува следењето на чекорите при подигнување пари.
- Јасен и читлив приказ на информациите, можност за прилагодување на контрастот на екранот.
- Продолжено време за реакција, што е од големо значење за корисниците на кои им е потребно повеќе време за внесување податоци или за завршување на одреден чекор на банкоматот.
Старите банкомати остануваат, но со временско ограничување
Примената на овој пропис не значи дека сите постоечки банкомати мора веднаш да бидат заменети.
За самоуслужните терминали кои легално се користеле пред 28 јуни 2025 година, предвидени се преодни правила. Тие можат да останат во употреба до крајот на нивниот економски век, но најмногу 15 години од нивното прво пуштање во работа.
Тоа значи дека дозволениот период се пресметува според староста на секој уред поединечно. Банкомат кој веќе е со години во употреба го нема автоматски правото да работи уште 15 години од почетокот на примената на законот. Замената на постоечката опрема ќе се одвива постепено, додека сите нови уреди мора целосно да ги исполнуваат новите стандарди за пристапност.
Правилата важат и за автоматите за билети и терминалите за плаќање
Банкоматите не се единствените уреди опфатени со овие правила. Законот важи и за:
- Платежните терминали (ПОС-терминали),
- Автоматите за продажба на превозни билети,
- Уредите за самостојна пријава на патници (check-in терминали).
За граѓаните ова значи поголема пристапност во повеќе секојдневни ситуации – од плаќање во продавница, до купување билети и пријавување за патување.
Примената на овие правила ја контролираат надлежните органи за пазарна инспекција, а потрошувачите имаат право да пријават доколку наидат на пречки кои им го отежнуваат користењето на производите и услугите.







