Американскиот тренер по гимнастика Шон Гарднер, кој во минатото работел со млади спортисти, е осуден на 90 години затвор поради тајно снимање на малолетни гимнастичарки додека се пресоблекувале и го користеле тоалетот во спортска сала во Мисисипи.
Судијката на Окружниот суд на САД, Кристи Џонсон, му ја изрекла на 39-годишниот Гарднер максималната можна казна по три точки од обвинението за производство на материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Гарднер претходно се изјаснил за виновен за поставување скриена камера во тоалетот на гимнастичката сала во Пурвис, Мисисипи. Според истрагата, камерата била поставена во периодот од декември 2017 до април 2018 година со цел тајно да ги снима девојчињата што тренирале кај него.
Истражителите утврдиле дека тој направил видеоснимки одблизу на најмалку 10 малолетни девојчиња додека биле голи или се пресоблекувале. Спорните материјали не биле откриени на неговите компјутери веднаш, туку дури неколку години подоцна, кога властите истражувале наводи дека Гарднер сексуално нападнал гимнастичарки во Ајова.
Во текот на истрагата, надлежните заплениле околу 50 видеоснимки и 400 фотографии што биле користени како доказ во случајот.
Апсењето на Гарднер од страна на ФБИ минатото лето повторно ја отвори дебатата за тоа дали американските гимнастички организации направиле доволно за да ги заштитат спортистките од сексуална злоупотреба од страна на тренери кои имаат значително влијание врз нивните спортски кариери.
Една од неговите поранешни ученички раскажала за „CBS News“ дека Гарднер бил харизматичен и дека, поради нејзината возраст во тоа време, не сфаќала дека неговото однесување е несоодветно. Таа посочила дека одредени постапки на тренерот, особено на крајот од тренинзите, дури подоцна ги препознала како вознемирувачки.
„Секој од нас се редеше за прегратка, а тој нè бакнуваше на челото и нè потапкаше по задникот“, изјавила Либерти Рејнс, која имала само 11 години кога почнала да тренира во клубот „Џам ин Гимнастик“ во Пурвис.
Случајот повторно го насочи вниманието кон прашањето за безбедноста на малолетните спортисти и одговорноста на спортските организации да ги заштитат децата од злоупотреба.









