Екипите на Ј.П. „Комуналец“ – Кавадарци и иницијативата „Мој Општинар“ продолжуваат со реализација на континуирани активности на терен, со цел подобрување на комуналната инфраструктура и унапредување на условите за живеење на граѓаните.

На барање на жителите, извршено е тампонирање на земјениот пат кој ги поврзува улицата „Данко Дафков“ и кракот од улицата „12 Другари“, со што значајно се подобрува пристапноста и се олеснува секојдневното движење во овој дел од градот.
Работни активности се одвиваат на повеќе локации низ Кавадарци:
- Улица „Ѓуро Салај“: Во тек е изведба на приклучоците за влезовите, откако претходно успешно заврши поврзувањето со главната линија.
- Улица „Скопска“: Извршено е тампонирање на ровот, со што се продолжува со уредување на површината за нормално и безбедно движење.
- Улица „Галишка“: Се работи на изградба на нова пристапна улица, која ќе овозможи подобра поврзаност и поголема функционалност на просторот.
Од ЈП „Комуналец“ и „Мој Општинар“ истакнуваат дека преку координирана работа на терен и брза реакција на потребите на граѓаните, продолжуваат посветено да ги решаваат прашањата од непосреден интерес за подобри услови во целата општина.








