Меѓународната конференција „Health Innovation Across Borders“, која ги поврзува Македонија, Албанија и Италија, денеска наместо со физичко присуство во Тирана, се одржува онлајн преку платформата Zoom, поради актуелните немири во главниот град на Албанија. Македонски коорганизатор на овој значаен настан е Бизнис акцелераторот на УКИМ.
Поради новонастанатата ситуација, планираната билатерална средба со министерката за здравство на Албанија, д-р Клодиана Спахиу, е одложена и ќе се одржи во најскоро можно време.
Во своето поздравно обраќање на отворањето на конференцијата, фокусот беше ставен на желбите за брзо смирување на состојбата во Тирана и безбедност на сите граѓани, при што беа истакнати неколку клучни приоритети во здравствениот сектор:
- Иновации во онкологијата: Онкологијата е област каде научниот напредок најдиректно го менува и подобрува животот на пациентите.
- Трансфер на технологии: Технолошкиот трансфер не подразбира само набавка на опрема, туку пред сè пренос на знаење, експертиза и примена на добри практики.
- Редефинирање на онколошката грижа: Беше истакнат и вчерашниот дијалог на високо ниво одржан во Владата, посветен на целосно редефинирање и унапредување на системската грижа за онколошките пациенти.
И покрај променетиот формат на одржување, соработката меѓу земјите продолжува со несмален интензитет. Упатена е голема благодарност до организаторите и сите македонски експерти кои земаат активно учество во научната програма на конференцијата.
„Соработката не застанува! За секој пациент, секој ден.“







