ПРВ.мк
Црна Хроника

Тинејџер осуден на 20 години затвор: Преку интернет бил регрутиран да убие човек за 25.400 евра

Тинејџер осуден на 20 години затвор: Преку интернет бил регрутиран да убие човек за 25.400 евра

Деветнаесетгодишниот Норвежанец Јоханес Натланд е осуден на 20 години затвор во Велика Британија, откако било утврдено дека прифатил да изврши платено убиство за организирана криминална група.

Младиот човек бил регрутиран преку интернет од криминалната мрежа „Фокстрот“, која потекнува од Шведска и е позната по ангажирање млади лица за насилни кривични дела.

За убиството му биле ветени 270.000 норвешки круни, односно околу 25.400 евра.

Натланд пристигнал во Манчестер на 17 март 2025 година, непосредно по неговиот 18. роденден.

Преку апликацијата „Сигнал“ добивал инструкции каде да пронајде оружје, пари и украден автомобил што требало да го користи при извршувањето на убиството.

Полицијата го уапсила во хотел во Хадерсфилд, каде што под неговиот кревет биле пронајдени два исправни пиштола и 19 парчиња муниција.

Планот бил откриен откако норвешката полиција уапсила друг тинејџер, осомничен дека го регрутирал Натланд, и пронашла пораки поврзани со подготвуваното убиство.

Според истрагата, не било утврдено кој требало да биде жртвата.

Натланд го признал поседувањето оружје и муниција, додека поротата едногласно го прогласила за виновен за заговор за извршување убиство.

Судијката нагласила дека тој свесно прифатил да убие потполно непознат човек за пари, оценувајќи дека злосторството веројатно ќе било извршено доколку полицијата не интервенирала.

Криминалната мрежа „Фокстрот“ е под британски и американски санкции поради наводни врски со иранските власти.

Осудениот ќе мора да помине најмалку две третини од 20-годишната казна во затвор.