ПРВ.мк
Свет

Барате необична работа? На Антарктикот плаќаат до 2.500 евра месечно за живот меѓу пингвини

Барате необична работа? На Антарктикот плаќаат до 2.500 евра месечно за живот меѓу пингвини

Замислете да работите опкружени со пингвини, снег и ледници, а притоа да заработувате до 2.500 евра месечно, со обезбедени храна, сместување и патни трошоци.

Токму ваква необична работа понудила британската организација „UK Antarctic Heritage Trust“, која за сезоната 2026/2027 барала персонал за истражувачката станица Порт Локрој на Антарктикот.

Една од најинтересните задачи е броење пингвини, нивните гнезда, јајца и младенчиња, со цел следење на популацијата и промените во животната средина.

Но работата не се сведува само на набљудување животни. Вработените пречекуваат туристи, работат во мала продавница за сувенири и управуваат со необичната „Пингвинска пошта“, од која се испраќаат разгледници низ светот.

Иако платата изнесува од околу 1.700 до 2.500 евра месечно, условите за живот се далеку од луксузни.

На станицата нема проточна вода, ниту класични тушеви. Вработените најчесто се тушираат на бродовите што пристигнуваат на островот, понекогаш само еднаш неделно.

Четири до пет лица делат мала спална просторија, интернетот е ограничен, а слободен ден имаат приближно еднаш на две недели.

Работата трае речиси пет месеци, од крајот на октомври до март.

За кандидатите не е неопходно научно образование, но потребни се физичка подготвеност, тимска работа и способност за живот во изолација.

Сепак, постои важен услов: кандидатите мора да имаат право на работа во Обединетото Кралство, бидејќи организацијата не обезбедува работни визи.

Пријавувањето за сезоната 2026/2027 веќе е затворено, а избраниот тим се подготвува за заминување на Антарктикот.