ПРВ.мк
Свет

Уби четири лица во училиште, сега доби доживотен затвор

Уби четири лица во училиште, сега доби доживотен затвор

Шеснаесетгодишниот Колт Греј е осуден на доживотен затвор за вооружениот напад во средното училиште „Апалачи“ во американската сојузна држава Џорџија, во кој беа убиени четири лица, а уште девет беа повредени.

Греј, кој минатата недела ја призна вината по 55 точки од обвинението, беше суден како полнолетно лице. При изрекувањето на пресудата, судијата Николас Прим оцени дека тежината на делото и однесувањето на обвинетиот покажуваат дека тој не изразил каење за стореното.

Во нападот, извршен во септември 2024 година, животот го загубија двајца 14-годишни ученици – Кристијан Ангуло и Мејсон Шермерхорн, како и наставниците Кристина Иримие (53) и Ричард Аспинвол (39).

Според обвинителството, тинејџерот во училиштето внел полуавтоматска пушка која, како што беше наведено во судската постапка, му ја подарил неговиот татко како божиќен подарок. Во моментот на нападот Греј имал 14 години.

Обвинителите тврдеа дека тој сакал да стане познат по примерот на други извршители на училишни напади на кои им се восхитувал. Како доказ беа презентирани и телефонски разговори од притвор, во кои се интересирал за реакциите на јавноста по нападот.

Неговиот татко, Колин Греј, претходно беше прогласен за виновен затоа што му го обезбедил оружјето и покрај предупредувањата за неговото сè поагресивно однесување и потребата од психолошка помош. Изрекувањето на казната за таткото е закажано за наредниот ден.

Одбраната во текот на процесот тврдеше дека Колт Греј растел во нестабилна семејна средина, обележана со занемарување и проблеми со зависност кај неговите родители.