Најмалку 35.000 повеќе луѓе од вообичаеното починале во Европа во текот на летото, во период кога континентот го погодија четири последователни рекордни топлотни бранови.
Според податоците што ги пренесува британски „Гардијан“, конечната бројка би можела да биде значително поголема, бидејќи достапните податоци опфаќаат само околу половина од Европа, а за голем број земји сè уште нема целосни информации за август.
Само во Германија, Франција и Шпанија се регистрирани или проценети најмалку 25.000 смртни случаи поврзани со екстремните температури.
Најтешка е ситуацијата во Германија, каде што од 6 април до 9 август биле проценети околу 14.000 смртни случаи поврзани со топлината. Според германскиот институт „Роберт Кох“, ова е највисока бројка откако се водат вакви евиденции.
Во Шпанија, од мај досега бројката се приближува до 5.000, додека во Франција биле регистрирани околу 7.300 дополнителни смртни случаи од сите причини во периодот од крајот на мај до 22 јули.
Последиците се чувствуваат и во други европски земји. Во Англија се проценуваат повеќе од 2.800 смртни случаи поврзани со топлотните бранови во мај и јуни, додека Белгија, Холандија и Полска исто така бележат значително зголемување на смртноста во периодите со екстремни температури.
Експертите објаснуваат дека топлината ретко се наведува како директна причина за смрт. Во многу случаи високите температури ги влошуваат постојните кардиоваскуларни, респираторни и други здравствени проблеми.
Европа ова лето беше погодена од серија екстремни температури. Во Германија биле соборувани температурни рекорди, додека во делови од Шпанија температурите со денови надминувале 42 степени.
Научниците предупредуваат дека климатските промени ги прават екстремните топлотни бранови почести и поинтензивни. Светската здравствена организација претходно соопшти дека смртноста поврзана со топлината во европскиот регион се зголемила за повеќе од 30 проценти во последните две децении.







