Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека е подготвен да воведе големи санкции против Русија, но само ако сите земји од НАТО се согласат да воведат високи царини за увоз од Кина и да престанат да купуваат руска нафта.
„Подготвен сум да воведам големи санкции против Русија кога сите земји од НАТО ќе почнат да го прават истото, и кога ќе престанат да купуваат нафта од Русија“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушал. Според него, овие мерки би помогнале да се стави крај на „смртоносната, но апсурдна војна“ и ќе бидат укинати по завршување на конфликтот меѓу Русија и Украина.
Трамп ја критикува европската политика кон руската нафта, истакнувајќи дека Русија ја користи трговијата за финансирање на војната. Европската Унија забрани делумно увоз на руска нафта, со исклучоци за Унгарија и Словачка, што предизвика реакции од претседателот Трамп.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави соработката со САД за поцврста координација на санкциите и нагласи дека се разгледуваат дополнителни мерки против земјите што ја поддржуваат руската економија или ѝ помагаат да ги заобиколи санкциите, вклучително и Кина.