ПРВ.мк
Свет

ТРАМП СО БУРТАЛНО ПРИЗНАНИЕ: „Да, побегнав“

ТРАМП СО БУРТАЛНО ПРИЗНАНИЕ: „Да, побегнав“

Американскиот претседател Доналд Трамп откри детали за необична безбедносна операција која се случила за време на неговото патување во Турција минатиот месец. Непосредно пред полетувањето од Анкара, тој тајно бил префрлен од претседателскиот авион во воено летало, откако американските безбедносни служби добиле информации за можна закана.

Случајот се случил на 8 јули, по завршувањето на самитот на НАТО во Анкара. Според информациите, Трамп непосредно пред полетувањето бил префрлен во друг авион, а целата операција била изведена на начин што требало да остане незабележан.

За префрлањето бил искористен камион за кетеринг, кој бил поставен покрај леталото, со што американскиот претседател можел да го напушти претседателскиот авион и да се префрли во воениот без да биде очигледно дека се менува планот за неговото патување.

Според информациите наведени во извештаите, американските безбедносни служби претходно добиле податоци за можна закана поврзана со Иран. Токму поради проценката на безбедносните служби била донесена одлуката Трамп да биде префрлен во друг авион.

Трамп во интервју за CBS News потврдил дека промената навистина се случила, но нагласил дека тој самиот не донел одлука за тоа.

„Тоа зависи од Тајната служба. Јас само го правам она што тие сакаат да го направам и ги следам инструкциите на Тајната служба и војската“, изјавил американскиот претседател.

На прашањето дали станувало збор за конкретна закана, Трамп не дал дополнителни детали. Тој рекол дека претпоставува оти постоела одредена закана, но дека не се распрашувал подетално за нејзината природа.

Американскиот претседател воедно навел дека и самиот често добива закани.

Особено внимание предизвикало прашањето што се случило со неговите соработници и новинарите кои останале во авионот за кој се претпоставувало дека го превезува претседателот.

Трамп ги отфрлил оценките дека нивното останување во тој авион претставувало поголем ризик. Според неговата проценка, поголема опасност постоела за леталото со кое тој навистина отпатувал.

Необичната операција се случила во период кога Трамп го реализирал своето прво меѓународно патување со новиот претседателски авион. Леталото било добиено од САД како подарок од Катар, а потоа било дополнително опремено и модифицирано за да ги исполнува строгите безбедносни барања поврзани со транспортот на американскиот претседател.

Самиот факт што Трамп бил префрлен во друг авион непосредно пред полетувањето покажува дека безбедносните служби во тој момент процениле дека е потребна промена на планот. Иако претседателот не откри што точно ја предизвикало проценката, потегот бил преземен според инструкциите на Тајната служба и воените структури задолжени за неговата безбедност.