ПРВ.мк
Свет

ТРАМП ПОДГОТВУВА МАСОВНО ПОНИШТУВАЊЕ НА ВИЗИ: На удар до 200.000 странци

ТРАМП ПОДГОТВУВА МАСОВНО ПОНИШТУВАЊЕ НА ВИЗИ: На удар до 200.000 странци

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува мерка со која би можеле да бидат поништени деловните и туристичките визи на дури 200.000 странски државјани кои по влегувањето во САД поднеле барање за азил.

Според документи на Стејт департментот, станува збор за визите Б1 и Б2, издадени во периодот од 2016 до 2026 година. Процесот на нивно поништување би требало да започне во следните недели и ќе се спроведува во координација со американското Министерство за внатрешна безбедност.

Од Стејт департментот објаснуваат дека целта е да бидат идентификувани лицата кои влегле во земјата како краткорочни посетители, а потоа побарале азил со намера трајно да останат во САД.

Сепак, бројката од 200.000 засега не е официјално потврдена. Портпаролот Томи Пигот изјавил дека процесот ќе се одвива постепено и дека конечниот број на поништени визи може да се менува.

Поништувањето на визата нема автоматски да значи депортација. Лицата чии постапки за азил сè уште траат би можеле да продолжат со процесот, но повеќе нема да имаат статус на носители на туристичка или деловна виза.

Визата Б1 главно се користи за деловни патувања, додека Б2 е наменета за туристички посети, посета на семејство и пријатели или медицински третман.

Заменик-државниот секретар Кристофер Ландау порача дека азилот не треба да се користи како начин за заобиколување на американските имиграциски правила.