Европол предупредува на сериозна закана од криминалната мрежа „Фокстрот“, која, според истрагите, е поврзана со иранскиот режим и користи млади луѓе за извршување насилни криминални дела низ Европа.
Според информациите што ги објави Би-Би-Си, групата е активна од 2022 година и се поврзува со околу 35 убиства, како и со повеќе напади и обиди за напади врз израелски цели во неколку европски држави. Меѓу нив се наведуваат и инциденти со експлозивни направи и рачни гранати.
Истрагите покажуваат дека организацијата најчесто регрутира тинејџери преку социјалните мрежи, нудејќи им паричен надомест за извршување на нападите. Според властите, задачите им се претставуваат на начин што потсетува на компјутерски игри, а многу од регрутираните млади се приведуваат уште пред да ја добијат ветената исплата.
Како пример се наведува случајот на норвешки тинејџер, кој беше осуден за заговор за убиство во Велика Британија, а според истрагата дејствувал по инструкции на оваа мрежа.
Поради растечката закана, Европол ја формираше специјалната работна група OTF GRIMM, во која се вклучени 11 европски држави, меѓу кои Белгија, Данска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија.
Според европските истражители, водачот на „Фокстрот“, Рава Маџид, моментално се наоѓа во Техеран, откако претходно ја напуштил Шведска и престојувал во Турција. Полицијата смета дека дел од нападите биле извршени во интерес на иранскиот режим, додека други се поврзани со криминални пресметки и трговија со дрога.
Иран негира вмешаност во повеќе обвинувања од западните земји за операции на европско тло, а дел од овие наводи остануваат предмет на истраги и безбедносни проценки.








