Унгарија се соочува со сериозен ризик од енергетска криза откако рекордно ниското ниво на Дунав ја принуди нуклеарната централа „Пакш“ привремено да ја запре работата.
Премиерот Петер Маѓар предупреди дека земјата влегува во еден од најкритичните периоди за енергетскиот систем, нагласувајќи дека централата за првпат по 44 години целосно ќе биде исклучена. Причината е недоволното количество вода во Дунав, која се користи за ладење на реакторите.
„Пакш“ произведува околу 40 проценти од електричната енергија во Унгарија, па нејзиното запирање создава сериозен притисок врз националниот електроенергетски систем, особено во услови на екстремен топлотен бран и зголемена потрошувачка на струја.
Владата ги повика граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, особено во периодот од 17 до 22 часот. Препораките вклучуваат ограничено користење на клима-уреди и други уреди што трошат повеќе електрична енергија.
Истовремено, властите подготвија кризен план кој предвидува можни привремени ограничувања за дел од индустриските капацитети, како и зголемување на производството во останатите електрани за да се обезбеди стабилност на системот.
Според најавите, високите температури во Унгарија во наредните денови ќе достигнуваат и до 40 степени Целзиусови, што дополнително ја зголемува загриженоста за снабдувањето со електрична енергија.









