ПРВ.мк
Свет

Црвен аларм за 25 градови, температурите надминуваат 40°C

Црвен аларм за 25 градови, температурите надминуваат 40°C

Четвртиот топлотен бран ова лето денес го достигнува својот врв во Италија, а властите издадоа црвен метеоаларм за 23 градови. Од понеделник бројот на градови под највисок степен на предупредување ќе се искачи на 25, што е рекорд за ова лето.

Во изминатите денови температурите во делови од земјата достигнаа над 40 степени Целзиусови, а во областа Терни биле измерени 41 степен. Метеоролозите прогнозираат дека екстремно топлото време ќе продолжи најмалку уште една седмица, додека позначително разладување се очекува меѓу 8 и 10 август.

Најпогодени се долината на реката По, централните региони, Сардинија и внатрешноста на земјата, каде што температурите повторно би можеле да надминат 40 степени. Во северниот и централниот дел од Италија, ноќните температури на многу места нема да се спуштаат под 25 степени.

Климатолозите објаснуваат дека главните причини за овој топлотен бран се силниот африкански антициклон и високата температура на Средоземното Море, чија површинска вода во некои делови достигнува и над 30 степени Целзиусови. Според експертите, тоа дополнително ја зголемува атмосферската нестабилност.

Иако доминираат високите температури, италијанската цивилна заштита издаде и жолто предупредување за локално обилни дождови во делови од Апенините и Сицилија.

Властите преземаат дополнителни мерки за заштита на населението, особено во големите градови каде што ефектот на таканаречените „урбани топлински острови“ дополнително ги зголемува температурите. Во Палермо, поради жештините, привремено е забрането користење туристички кочии влечени од коњи за да се заштитат животните.

Во близина на Венеција, во пристаништето Порто Маргера, избувна пожар во складиште за старо железо, а според првичните проценки, можно е екстремно високите температури да придонеле за неговото избувнување.

Во голем дел од Италија и натаму останува висок ризикот од шумски пожари, поради што на повеќе региони им се издадени дополнителни предупредувања.