Русија ја продолжува интензивната воздушна кампања врз Украина, со масовна употреба на беспилотни летала, наведувани авионски бомби и ракети, при што повторно се погодени градови, инфраструктура и цивилни објекти.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди на размерите на руските напади во текот на изминатата недела.
„Само во текот на оваа недела рф лансираше врз 🇺🇦 2100 дронови. Значителен дел од нив се реактивни „Шахеди“, со кои русите се обидуваат да ја уништат економијата и да ги разурнат животите на луѓето. Непријателот употреби 1700 наведувани авионски бомби и 78 ракети од различни типови“, напиша Дир.
Според украинските власти, во ноќта кон 13 септември Русија лансирала 453 беспилотни летала од различни типови, додека украинската противвоздушна одбрана соопшти дека соборила или неутрализирала 409 од нив.
Одеса повторно беше меѓу главните цели. Најмалку пет лица биле повредени во рускиот дронски напад врз градот во утринските часови на 13 септември, а оштетени биле станбени објекти во повеќе делови од градот. Тој напад следува по претходниот удар врз Одеса, во кој загинаа две лица, а десетици беа повредени.
Во саботата, според украинските власти, во руските напади низ Украина загинале најмалку девет лица, а десетици биле повредени. Меѓу погодените подрачја биле Краматорск, Звјахел, Запорижја, Кривиј Рих и Одеската област.
Во Краматорск локалните власти соопштија дека руските сили погодиле приватни автомобили во три одделни напади во период од околу 90 минути. Во нападите загинале тројца цивили.
Руските напади биле регистрирани и во близина на границите со земји членки на Европската Унија и НАТО. Во еден од инцидентите бил погоден камион во близина на преминот Дорогуск-Јаходин, на околу 800 метри од полската граница, по што преминот накратко бил затворен.
Во одделен напад, руски дрон погодил патнички воз на линијата Кијив–Варшава во близина на полската граница. Според достапните информации, нема пријавени жртви.
Украинските власти предупредуваат дека руските напади сè почесто се насочени не само кон енергетските објекти и градовите, туку и кон железницата, граничните премини, бензинските пумпи, магацините, логистичките центри и други делови од економската инфраструктура.
Претседателот Володимир Зеленски оцени дека Русија ја проширува војната подалеку од фронтот и се обидува да ја ослаби украинската економија и отпорност преку уништување на инфраструктурата која е неопходна за функционирање на земјата.
На фронтот нема потврдена поголема оперативна промена, но борбите остануваат интензивни, особено во Донецката област. Украина се подготвува за продолжување на жестоките борби околу стратешки важните градови Словјанск и Краматорск.
Паралелно, Украина продолжува со нападите врз руската енергетска, индустриска и воена инфраструктура. Украинските сили погодиле и објект на еден од најголемите руски производители на синтетичка гума во Тољати, додека во изминатите месеци украинските удари врз руската нафтена инфраструктура предизвикале нарушувања во тој сектор.
Киев во меѓувреме бара дополнителна противвоздушна и противбалистичка одбрана, пресретнувачи и системи способни да се справат со сè побрзите руски беспилотни летала. Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека се забрзува производството на пресретнувачи на реактивните „Шахеди“, токму поради зголемената употреба на вакви системи.
Обемот на воздушните напади повторно го става во фокус прашањето за заштитата на цивилното население и критичната инфраструктура. Илјадници беспилотни летала, стотици наведувани бомби и десетици ракети за само една недела претставуваат сериозен притисок врз украинскиот систем за противвоздушна одбрана и врз функционирањето на земјата.







