Србија работи на создавање таканаречена „дигитална армија“, со која во иднина би се намалила изложеноста на војниците на бојното поле, најави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој оцени дека станува збор за сложен процес кој бара значително време и големи финансиски вложувања.
Вучиќ објасни дека целта е борбените системи меѓусебно да комуницираат дигитално, без потреба од директна комуникација меѓу војниците. Како пример го посочи моментот кога борбено возило ќе забележи цел.
„Во моментот кога нашето борбено возило ќе забележи цел и мета, тоа веднаш испраќа дигитален сигнал до нашата ракетна артилерија за таа да може да дејствува. Нема објаснување и јавување, како во филмовите, туку само со притискање едно копче“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека на тактичката воена вежба бил демонстриран напад со роботизирани беспилотни системи, при што, според неговите зборови, на целото подрачје немало ниту еден човек.
На вежбата биле претставени и малите роботизирани системи „Милош“, како и роботизирани возила во форма на кучиња, опремени со фрлачи на гранати, противоклопни средства и митралези со калибар од 7,62 милиметри.
Биле прикажани и осум различни видови беспилотни летала, од кои дел биле соборени во текот на вежбата.
Вучиќ порача дека развојот на ваквите системи е насочен кон зачувување на безбедноста, мирот и стабилноста.
„Тоа го правиме за да ги зачуваме мирот и стабилноста. На сите им е јасно дека не сакаме никого да загрозиме. Сакаме мир и стабилност, сакаме сами да го чуваме нашето небо и нашата земја“, порача српскиот претседател.
Во врска со повторното воведување на задолжителниот воен рок, Вучиќ рече дека Србија се подготвува за негово воведување од март следната година.








