Иран наводно ја разгледува можноста за напади врз американски воени цели во Европа доколку дојде до дополнително проширување на конфликтот со САД, објавува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори блиски до властите во Техеран.
Според информациите, меѓу потенцијалните цели се разгледуваат американски воени средства во Југоисточна Европа, при што се споменува и Бугарија. Земјата неодамна одобрила користење на базата Безмер за полнење гориво на американски авиони.
Како можна цел се споменува и Кипар, додека извори тврдат дека иранските сили разгледувале и сценарио за напад врз подморските оптички кабли во Ормутскиот теснец во случај на нова ескалација.
Во Техеран, според изворите, расте уверувањето дека продолжувањето на конфликтот е само прашање на време, особено по застојот во дипломатските преговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во моментов нема преговори или закажани разговори со Техеран.
Еден од изворите цитиран од „Фајненшл тајмс“ тврди дека доколку САД ја прошират воената операција, Иран би можел да одговори и надвор од Блискиот Исток.
„Ако САД отидат предалеку, Иран ќе се брани по секоја цена, ќе излезе надвор од регионот и ќе ја нападне и Европа“, тврди изворот.
Аналитичарите посочуваат дека Иран располага со ракети со среден дострел кои теоретски би можеле да достигнат делови од јужна и југоисточна Европа, иако нивната ефикасност на поголеми растојанија би била ограничена.
Како друго можно сценарио се наведува дејствување преку вооружени групи сојузнички на Техеран во регионот.
Засега станува збор за тврдења и можни сценарија наведени од извори на „Фајненшл тајмс“, а не за официјално објавена одлука на Иран за напад врз Европа.








