Расте загриженоста меѓу локалното население и безбедносните служби откако Русија распореди необични воздушни летала во близина на границата со НАТО. Станува збор за мистериозни воздушни бродови, чие присуство отвори сомнежи дека може да се работи за нова разузнавачка операција или психолошки притисок врз соседните земји.
Како што објавува британскиот Daily Mail, бело летало со необичен изглед, споредуван со вселенски брод, било забележано на руската страна од границата, во близина на градот Нарва, трет по големина град во Естонија.
Естонските власти првично не реагирале, но ситуацијата добила поинаков тек кога леталото повторно се појавило наредниот ден – овој пат со јасно истакнато буквата „Z“, симбол што се поврзува со руската инвазија врз Украина. Тоа предизвикало активирање на безбедносните аларми и зголемена будност.
Директорот на естонската гранична полиција, Егерт Беличев, изјави дека вакви инциденти се случуваат речиси редовно и дека пораката е јасна: демонстрација на надзор и притисок. „Тие сакаат да видат како ќе реагираме. Целта е провокација“, нагласи тој.
Локалното население во пограничните региони изразува сè поголем страв дека овие летала би можеле да бидат увертира за посериозна ескалација. За The Telegraph, една жителка изјави дека неизвесноста е постојано присутна, додавајќи дека безбедноста на Естонија директно зависи од исходот на војната во Украина.
Иако официјалните институции засега не зборуваат за непосредна закана, ваквите појави дополнително ја зголемуваат напнатоста во регион кој и онака е под зголемено внимание од почетокот на војната.
















