ПРВ.мк
Свет

Германија на раб на логистички колапс: Недостигаат над 120.000 камионџии, транспортот под сериозна закана

Германија на раб на логистички колапс: Недостигаат над 120.000 камионџии, транспортот под сериозна закана
Kristal

Германија се соочува со еден од најсериозните проблеми во транспортниот сектор во последните децении – драматичен недостиг од возачи на камиони. Според проценките на транспортната индустрија, моментално ѝ недостасуваат повеќе од 120.000 професионални возачи, а состојбата, наместо да се подобрува, оди кон дополнително влошување.

Алармот го вклучи Сојузот на германските шпедитери (BGL), чиј портпарол Дирк Енгелхардт во изјава за Reuters предупреди дека јазот меѓу потребите и реалната работна сила станува сè подлабок. Според него, секоја година меѓу 30.000 и 35.000 возачи заминуваат во пензија, додека на пазарот влегуваат само 15.000 до 20.000 нови кадри.

Последиците веќе се чувствуваат. Голем број шпедитерски компании се приморани да одбиваат нарачки за превоз на стока, што директно влијае врз синџирите на снабдување и економската стабилност. Иако со години се зборува за пренасочување на товарниот сообраќај кон железницата, реалноста покажува дека околу 80 проценти од стоката во Германија и понатаму се транспортира по патен сообраќај.

Дополнителна загриженост предизвикува и безбедносниот аспект. Енгелхардт предупредува дека во случај на проширување на воени конфликти во Европа, голем дел од камионите – од кои речиси секој втор е со странска регистрација – би морале да се вратат во земјите на потекло, што би го парализирало домашниот транспорт.

Поради тоа, шпедитерите бараат итна реакција од политичарите, особено олеснување на процедурите за работни визи за возачи од земји надвор од Европската унија, како единствено брзо решение за проблемот што заканува да ја закочи германската економија.

FixCredit
Escape