Во време на зголемени безбедносни тензии во Европа, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, одржал разговор со полскиот министер задолжен за специјалните служби, Томаш Сјемоњак.
Сјемоњак средбата ја оцени како „многу важна“, а по разговорот најзначајните информации поврзани со безбедноста на Полска му ги пренел на премиерот Доналд Туск. Детали за содржината на разговорите не беа соопштени.
„Полско-американскиот сојуз е силен и непоколеблив. Блиската соработка на нашите специјални служби е еден од неговите темели“, порача Сјемоњак на платформата Х.
Средбата доаѓа во период на зголемена загриженост за безбедноста на источното крило на НАТО и војната во Украина. Полска во изминатиот период особено внимателно ги следи случувањата поради инцидентите со руски беспилотни летала и воени авиони во воздушниот простор на источна Европа.
Паралелно со безбедносните разговори, САД ги интензивираат дипломатските напори за постигнување крај на војната во Украина. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна разговарал телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, при што, според Кремљ, повторно ја нагласил желбата за брзо завршување на конфликтот.
Во меѓувреме, Украина продолжува со зајакнување на својата противвоздушна одбрана. Според украинскиот министер за одбрана, земјата е на пат, со помош на сојузниците и преку заем од Европската Унија, да обезбеди околу 1.000 ракети за американските системи „Патриот“.







