ПРВ.мк
Свет

Ќе се укине ли менувањето на часовникот? ЕУ го објави календарот до 2031 година

Ќе се укине ли менувањето на часовникот? ЕУ го објави календарот до 2031 година

Европската комисија ги објави официјалните датуми за почеток и крај на летното сметање на времето до 2031 година, но тоа не значи дека е донесена конечна одлука часовникот да престане да се поместува токму тогаш.

Според важечките правила, зимското сметање на времето годинава ќе започне на 25 октомври 2026 година, кога стрелките на часовникот ќе се вратат еден час наназад – од 03:00 на 02:00 часот.

Следното преминување на летно сметање на времето е предвидено за 28 март 2027 година, а враќањето на зимското време за 31 октомври истата година.

Европската комисија веќе го утврди календарот за сезонското поместување на часовникот до 2031 година, согласно правилата што моментално се во сила.

Сепак, ова не значи дека ЕУ пресекла оти во 2031 година дефинитивно ќе се укине поместувањето на часовникот. Доколку европските институции во меѓувреме усвојат нови правила, практиката на менување на времето двапати годишно може да заврши и порано.

Прашањето за укинување на летното и зимското сметање на времето со години е предмет на дебата во Европската унија. Европскиот парламент уште во 2019 година поддржа предлог сезонското поместување да престане во 2021 година, но процесот не беше завршен бидејќи земјите членки не постигнаа договор околу тоа кое време трајно да се задржи.