Светската здравствена организација (СЗО) упати итен апел до меѓународната заедница за поголема поддршка во борбата против епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, предупредувајќи дека ширењето на вирусот го надминува капацитетот на здравствените служби.
Од прогласувањето на епидемијата на 15 мај досега, во земјата се потврдени 3.802 случаи на зараза. Според официјалните податоци, 1.707 лица починале, додека 727 пациенти успешно закрепнале.
Во моментов под здравствен надзор се наоѓаат околу 17.000 луѓе кои биле во контакт со заразените, со цел навремено да се откријат евентуални нови случаи.
Најтешко погодена е североисточната провинција Итури, каде што се регистрирани речиси 90 проценти од сите потврдени инфекции.
Епидемијата е предизвикана од сојот Бундибугио, за кој засега нема одобрена вакцина или специфичен лек. Сепак, од СЗО соопштуваат дека се спроведуваат клинички испитувања на нови вакцини и терапии, а првичните резултати даваат надеж дека ќе се пронајде поефикасен начин за справување со оваа варијанта на вирусот.








