Руската новинарка Дарја Шипачева (35) е осудена на 12 години затвор во казнено-поправна колонија, откако беше прогласена за виновна за кривичното дело велепредавство, објави рускиот независен медиум „Медиазона“.
Пресудата ја донел Московскиот градски суд, а покрај затворската казна, на Шипачева ѝ е изречена и парична казна од околу 3.500 евра. Судот наредил и конфискација на 1.558.000 рубљи (околу 17.000 евра), средства за кои обвинителството смета дека се поврзани со предметот.
Според достапните информации, судењето траело околу час и половина. Обвинителството побарало 12-годишна казна, додека одбраната побарала поблага пресуда, истакнувајќи дека обвинетата ја признала вината и соработувала со истрагата.
Деталите за обвинението не се јавно познати бидејќи постапката се водела зад затворени врати. Според изјави на нејзина блиска пријателка за „Медиазона“, во случајот се споменувала одредена финансиска трансакција, но таа не можела да потврди дали станувало збор за средства поврзани со украинската армија.
Шипачева беше уапсена во април 2025 година во својот стан во Москва. Нејзини пријатели изјавиле дека последната порака што ја испратила била дека некој се обидува насилно да влезе во нејзиниот дом. Подоцна била приведена и префрлена во Ростов на Дон, каде што ѝ бил одреден притвор.
Во текот на истрагата, според сведочењата на нејзини блиски, новинарката склучила спогодба со обвинителството, но во писмата што ги испраќала од притвор не откривала детали за случајот.
Дарја Шипачева е позната по својата работа во областа на научното и медицинското новинарство, а во текот на кариерата соработувала со повеќе руски медиуми, меѓу кои РБЦ, „Лента“ и „Форбс“.







