ПРВ.мк
Свет

СТРАВУВАЊАТА РАСТАТ ПО БРОДСКАТА ТРАГЕДИЈА: Можно е бројот на исчезнати да е многу поголем, спасувачите ја проширија потрагата!

СТРАВУВАЊАТА РАСТАТ ПО БРОДСКАТА ТРАГЕДИЈА: Можно е бројот на исчезнати да е многу поголем, спасувачите ја проширија потрагата!

Спасувачките тимови и денеска продолжуваат со интензивната потрага по исчезнатите лица по трагичниот бродолом во Гвајана, во кој досега се спасени 67 лица. Властите предупредуваат дека бројот на исчезнати би можел да биде значително поголем од првичните проценки, откако било утврдено дека официјалниот список на патници не ги содржел сите лица кои се наоѓале на бродот.

Несреќата се случила во северозападниот дел на Гвајана, во близина на регионот Есекибо – област која со години е предмет на територијален спор меѓу Гвајана и Венецуела.

Според официјалните информации, меѓу спасените се 41 маж, 11 жени и 15 деца, од кои шест момчиња и девет девојчиња. Во текот на досегашната потрага пронајдени се и телата на две лица – маж и жена.

Министерот за јавни работи, Хуан Еџил, изјави дека по дополнителните проверки било утврдено дека списокот со 133 патници и членови на екипажот не ја прикажувал вистинската бројка на лицата кои се качиле на ферибродот.

„Разочарани сме што откривме дека официјалниот список не ја одразува реалната состојба. Постои можност бројот на исчезнатите да биде поголем од досега проценетите 66 лица“, изјави Еџил, упатувајќи апел до семејствата на сите кои се сомневаат дека нивни блиски биле на бродот да се јават кај надлежните институции, со цел да се утврди точниот број на патници.

Тој потсети дека ферибродот „МВ Барима“ бил сертифициран за превоз на најмногу 397 патници и 284 тони товар. Според официјалните податоци, пловилото било опремено со 250 елеци за спасување, два спасувачки чамци и шест надувувачки спасувачки сплавови.

Премиерот на Гвајана, Марк Филипс, најави целосна и темелна истрага за причините што довеле до несреќата. Истрагата ќе ги опфати сите аспекти – од процесот на качување на патниците, преку почитувањето на безбедносните процедури, па сè до начинот на управување со бродот.

Во меѓувреме, властите соопштија дека двајца членови на екипажот биле позитивни на тестирање за употреба на канабис, а министерот Еџил додаде дека постои можност и капетанот на бродот да бил позитивен на истото тестирање.

„Имаме нулта толеранција кон членови на екипажот кои користат алкохол или дрога додека ја извршуваат својата должност, особено кога станува збор за капетанот. Во прашање се човечки животи и секое неодговорно однесување ќе биде строго санкционирано“, нагласи Еџил.

Поради неизвесноста околу бројот на исчезнатите, спасувачката операција е дополнително проширена. Зоната на пребарување е зголемена од 400 на 1.070 квадратни километри, а во акцијата активно учествуваат и локални рибари, кои со своето искуство и добро познавање на водите им помагаат на спасувачките тимови во потрагата по преживеани и исчезнати лица.