Основното јавно обвинителство отвори истрага против три лица во врска со случајот со загадената вода за пиење во Гостивар. Осомничени се вршителката на должност директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека тие, како соизвршители, ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот за водоснабдување.
Во истрагата се наведува дека на 25 јуни осомничените им наложиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, кој содржел штетни материи, со цел да се тестира притисокот во водоводниот систем. При увид извршен на 16 јули, било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку црева пренесувале вода од отворениот канал директно во преливната комора со вода за пиење, при што, според обвинителството, дошло до мешање на загадената и водата од водоснабдителниот систем.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале сериозно микробиолошко загадување. Во примероците од каналот биле регистрирани 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри вода, додека дозволената граница е 50, а бактерии биле пронајдени и во каптираниот извор, каде што воопшто не смеат да бидат присутни. Дополнително, во примерок од вода земен од чешма во Гостивар било утврдено и зголемено ниво на резидуален хлор.
Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на утрешниот ден јавниот обвинител ќе одлучи дали до судот ќе биде поднесен предлог за определување мерки за обезбедување на нивното присуство. Истрагата продолжува.









