Во услови на зголемени геополитички тензии и можни кризни ситуации, европските банки и финансиски институции ги советуваат граѓаните да не се потпираат исклучиво на електронските начини на плаќање и да имаат одредена сума готовина дома.
Шведската централна банка Риксбанк препорачува секој возрасен член на домаќинството да располага со околу 1.000 шведски круни, односно приближно 90 до 100 евра, кои би можеле да се искористат во случај на прекин на електронските плаќања.
Според препораките, овие средства би требало да бидат доволни за покривање на основните трошоци, како што се храна, лекови и други неопходни набавки, во период од околу една недела доколку банкоматите, картичките или дигиталните платежни системи не функционираат.
Како можни причини за вакви прекини се наведуваат сајбер-напади, прекини во снабдувањето со електрична енергија, големи технички дефекти или други вонредни околности.
Експертите објаснуваат дека препораката доаѓа затоа што Шведска е една од најдигитализираните земји во светот, што ја прави особено зависна од електронските платежни системи. Токму затоа, се советува граѓаните да имаат и резервна готовина за непредвидени ситуации.










