Францускиот претседател Емануел Макрон бара Европската Унија да воведе заедничка забрана за користење социјални мрежи за сите лица помлади од 15 години.
Во писмо испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Макрон повикал Брисел да започне со подготовка на европско законско решение кое би важело во сите земји-членки.
Целта, според францускиот претседател, е да се обезбеди посилна заштита на децата од ризиците поврзани со користењето на социјалните мрежи.
Макрон нагласил дека смета на експертизата и активното учество на службите на Европската комисија во подготовката на евентуалното ново правило.
Францускиот претседател смета дека сегашните национални правила не се доволни и дека е потребен единствен пристап на ниво на целата Европска Унија.
Иницијативата доаѓа откако Франција претходно се обиде сама да воведе забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години.
Францускиот Уставен совет, сепак, на 14 август ја поништи мерката, оценувајќи дека во предложената форма таа несразмерно ја ограничува слободата на изразување и комуникација и отвора прашања поврзани со заштитата на личните податоци при проверката на возраста.
Макрон, и покрај тоа, не се откажува од идејата. Сега тој сака прашањето да се решава на европско ниво, со правила кои би важеле еднакво низ целата Унија.
Во меѓувреме, и во други европски земји се води дебата за ограничување на пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, додека дел од критичарите предупредуваат дека целосната забрана отвора прашања за приватноста, правата на младите и начинот на кој практично би се проверувала нивната возраст.









