Здравствените власти во италијанскиот регион Ломбардија го подигнаа нивото на подготвеност откако во провинцијата Комо беа забележани два сомнителни случаи на ебола. Станува збор за жена и маж кои во последните 24 часа се вратиле од Уганда, каде што во претходните три месеци престојувале како хуманитарни работници. По враќањето, тие развиле симптоми карактеристични за вирусот ебола, поради што итно биле префрлени во специјализираната болница „Сако“ во Милано, каде што се подложени на тестирање и медицински надзор.
Регионалниот министер за социјални прашања на Ломбардија, Гвидо Бертолазо, потврди дека се активирани итните процедури, но нагласи дека сè уште нема официјална потврда за присуство на вирусот. – Сè уште не е сигурно дека станува збор за ебола – изјави Бертолазо на прес-конференција. Тој додаде дека резултатите од дијагностичките тестови се очекуваат подоцна во текот на понеделникот и дека „се надеваат дека ќе бидат негативни“.
Лекарите сметаат дека поверојатна дијагноза е маларија
Според зборовите на регионалниот министер, пациентите доаѓаат од област во Уганда близу границата со Демократска Република Конго и Руанда, региони кои моментално се следат поради пораст на бројот на случаи на ебола. Сепак, лекарите сметаат дека поверојатна дијагноза е маларија, а во случајот на 30-годишната жена, можно е да се работи и за церебрална маларија, поради што таа би можела да биде примена на одделот за интензивна нега.
Жената наводно развила потешки симптоми, вклучувајќи многу висока температура и благи невролошки проблеми. Нејзината ќерка, како што се наведува, исто така оболела од маларија за време на престојот во Уганда. Клиничката слика е полесна кај мажот, кој има температура околу 38 степени и дигестивни пречки.
И покрај тоа, поради подрачјето од кое допатувале, здравствените власти веднаш ги активираа протоколите за надзор на сомнителни случаи на ебола. Во меѓувреме, уште пет члена од нивните семејства се наоѓаат под здравствен надзор.
Покренатите процедури се исклучиво мерки на претпазливост
Италијанското Министерство за здравство во официјално соопштение нагласи дека ризикот од ебола во Италија „останува многу низок“. Тие потврдија и дека националниот систем за подготвеност и одговор на заразни болести е целосно оперативен и дека континуирано ја следи ситуацијата во тесна соработка со регионалните власти на Ломбардија, Високиот институт за здравство, како и со болниците „Сако“ во Милано и „Спаланцани“ во Рим.
Во неделата се одржа состанок на Одборот за здравствена безбедност на Европската комисија посветен на еболата, на кој учествуваа и надлежните италијански министерства.
Бертолазо исто така го критикуваше предвременото ширење на информации за случајот, нагласувајќи дека покренатите процедури биле исклучиво мерки на претпазливост. Тој смета дека поединечни објави можеле да предизвикаат паника во јавноста уште пред официјалната клиничка потврда. И градоначалничката на Лурате Качивија, Серена Ариџи, утринава со соопштение ги извести жителите дека се активирани сите потребни здравствени протоколи.






