Поголемиот дел од луѓето кои поднесуваат барање за зелена карта во Соединетите Американски Држави (САД) ќе бидат принудени да ја напуштат земјата и да аплицираат преку конзулатите во странство, во согласност со промените што минатата недела ги најави администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Овој потег драстично ќе го закомплицира процесот за стотици илјади луѓе кои секоја година бараат постојан престој од САД, а веќе предизвика и остра реакција кај застапниците за правата на имигрантите.
Американската служба за државјанство и имиграција (USCIS) ја објави новата уредба во меморандум од 21 мај, најавувајќи дека зелените карти ќе се издаваат во рамките на САД само во „исклучителни околности“, а луѓето ќе бидат упатувани на имиграциските службеници кои ќе одлучуваат од случај до случај.
Даниел Канструм, професор на Правниот факултет на Бостон колеџот и основач на универзитетската Клиника за имиграција и азил, изјави за „Тајм“ дека главната цел на овој меморандум веројатно е намалување на бројот на одобрени зелени карти.
„Оваа администрација се обидува на што е можно поголем број луѓе да им го отежне добивањето статус на постојан престој. Сега се фокусираме на група луѓе кои потенцијално ги имаат најсилните причини легитимно да останат во оваа земја“, рече тој, мислејќи на сопружниците и членовите на семејствата на американските државјани или на лицата со одобрен постојан престој.
„Ќе ги разделуваат мажите од жените и децата од родителите“
„World Relief“, христијанска хуманитарна организација која дава правна помош на имигрантите во САД, соопшти дека оваа уредба е „против семејството“ и дека ќе ги „разделува мажите од жените и децата од родителите“ за време на процесот на чекање за конзуларни услуги во странство, кој може да трае од неколку месеци до повеќе години.
– Не постои ниту една убедлива причина за оваа сурова мерка која ги разделува семејствата и се надевам и се молам дека ќе биде повлечена – без разлика дали со административна одлука, со дејствување на Конгресот или преку судовите – изјави претседателот и извршен директор на организацијата, Мајкл Грин.
Промените ќе влијаат на половина од сите подносители на барања
Сè уште не е јасно како агенцијата ќе одлучува кој може да аплицира за зелена карта додека е во земјата, а кој мора да аплицира од странство. Во најширока смисла, оваа уредба би можела да засегне повеќе од 500.000 луѓе кои секоја година поднесуваат барање за зелена карта додека живеат во САД со привремени визи.
Обично, оние кои бараат постојан престој во САД можат да аплицираат на два начини:
- За имиграциска виза во американски конзулат во странство.
- За зелена карта додека се веќе во земјата, најчесто со привремена виза.
Оние кои аплицираат од земјата го менуваат својот имиграциски статус во статус на лице со постојан престој. Сега тие би можеле да бидат принудени да ја напуштат земјата на неколку месеци или дури и години додека чекаат обработка на нивните барања, истакнуваат имиграциските експерти – дури и ако имаат работа, семејство и цел живот во САД.
– Оваа политика му овозможува на нашиот имиграциски систем да функционира онака како што налага законот, наместо да поттикнува злоупотреби. Кога странците аплицираат од својата матична земја, се намалува потребата да ги бараме и отстрануваме оние кои ќе одлучат да останат илегално во САД откако ќе им биде одбиен престојот – изјави портпаролот на USCIS, Зак Калер.
Додека Калер го нарекува овој потег злоупотреба, американскиот Конгрес изрично ја дозволи промената на имиграцискиот статус преку Член 245 од Законот за имиграција и државјанство (INA). Неколку работни визи – како што е категоријата H-1B – исто така се посебно дизајнирани за „двојна намера“, што значи дека работниците можат да аплицираат за зелена карта без да го загрозат својот моментален статус.
„Луѓето ќе мора да ги напуштат домот и семејството на свој трошок“
Според податоците на Институтот за имиграциска политика, од 783.000 луѓе кои добиле зелена карта додека престојувале во САД меѓу октомври 2023 и септември 2024 година, 53 отсто биле сопружници, деца и родители на американски државјани и сопственици на зелена карта, додека 28 отсто се луѓе кои го промениле статусот на бегалци или азиланти, а 15 отсто ја добиле зелената карта врз основа на вработување.
Арон Рајхлин-Мелник, висок соработник во Американскиот имиграциски совет, истакнува дека оваа промена може да:
- Ги принуди луѓето да ги напуштат работата, домот и семејството на неколку недели или месеци, и тоа на сопствен трошок.
- Ги влоши веќе постојните застои во обработката на барањата за зелена карта.
- Ги стави оние кои бараат легален престој на милост и немилост на конзулатите, чии одлуки се „практично неоспорливи“.
Дејвид Бир, директор за имиграциски студии во либертаријанскиот Институт „Cato“, напиша во својата анализа:
„Сега новиот меморандум на USCIS детално го опишува планот за масовни одбивања. USCIS премина од 'постепено и незабележливо забавување на обработката на барањата' во ситуација каде што 1,2 милиони луѓе кои поднеле барање за зелена карта практично остануваат без обработка на нивните случаи и без конечен исход.“
На кого промените ќе влијаат најмногу:
- Висококвалификувани работници (како научници): Многу од нив поднесуваат барање за зелена карта додека работат во САД со работни визи (на пример H-1B), а новата пракса може да ги насочи кон подолго чекање во странство.
- Работодавци: Бидејќи зависат од странски квалификувани работници, новите правила можат да ја нарушат работата на вработените и да го отежнат вработувањето нови стручњаци.
- Членови на семејства на американски државјани: Промената на статусот е најчестиот начин сопружниците и членовите на семејството да добијат зелена карта додека веќе живеат во САД, па можат да бидат погодени од можен заминување и разделување.
- Вереници: Офатени се со K-1 визата и, како и другите семејни случаи, можат да бидат засегнати од истите правила на обработка и можноста за чекање надвор од САД.
- Студенти и други невработени имигранти: Доаѓаат во САД со привремен статус и, доколку подоцна останат подолго од дозволеното, можат да се соочат со ограничувања и забрани за враќање ако ја напуштат земјата – би можеле да добијат повеќегодишна забрана за повторен влез во Америка.
- Луѓе од земји со визни забрани или ограничувања: Ова особено се однесува на државјаните на 39 земји кои во моментов се соочуваат со забрани или ограничувања за влез во САД во рамките на проширената „забрана за патување“ од декември 2025 година, за која Трамп рече дека „трајно ќе ја запре миграцијата од сите земји од Третиот свет“.






