Почина Мартин Треневски, поранешен министер, амбасадор и долгогодишен новинар, соопшти неговото семејство. Веста за неговата смрт предизвика реакции и сочувство кај бројни пријатели, колеги и јавни личности кои со години соработувале со него.
Треневски беше роден во 1949 година во Скопје и зад себе остави богата и значајна професионална кариера во областа на новинарството, дипломатијата и државните институции.
Своите новинарски почетоци ги имал во Скопје, а подоцна работел како дописник на агенцијата ТАНЈУГ од Австралија и Јужниот Пацифик. Во тој период активно ја следел македонската дијаспора и бил вклучен во известувања поврзани со Македонците кои живеат надвор од татковината.
Освен во новинарството, Треневски остави белег и како автор на повеќе публицистички дела, преку кои обработувал теми поврзани со општеството, политиката и македонското иселеништво.
По осамостојувањето на Македонија, тој беше дел од првата влада на Република Македонија, каде ја извршуваше функцијата министер за информации. Подоцна беше и министер во Министерството за иселеништво.
Во текот на дипломатската кариера, Треневски ја претставуваше државата во повеќе земји. Беше амбасадор во скандинавските држави, генерален конзул во Торонто, а ја извршуваше и функцијата амбасадор во НАТО.
За својот долгогодишен ангажман и придонес добитник беше на повеќе признанија и награди, меѓу кои и престижната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.
Според информациите од семејството, погребот ќе се одржи утре на Градските гробишта Бутел во Скопје.








