Голема трагедија го потресе романското село Лимпезис во округот Бузеу, каде четиригодишното момче Тео го загуби животот по напад од овчарско куче. Детето, според информациите од локалните жители, излегло од дворот без знаење на неговата мајка и се упатило кон блиското трло каде што било врзано кучето.
Според сведоштвата на мештаните, малиот Тео често покажувал интерес кон животното и сакал да му се приближува, најверојатно за да го нахрани. Но овојпат се случила страшна несреќа.
Кога мајката забележала дека детето го нема, веднаш почнала панично да го бара низ околината. Соседите раскажуваат дека постојано го повикувала по име, надевајќи се дека ќе го пронајде жив и здрав.
„Таа викаше: ‘Тео, Тео!’. Рече дека си играл покрај автомобилот, а кога излегла надвор повеќе не можела да го најде“, раскажала една соседка за локалните медиуми.
Телото на момчето без знаци на живот подоцна било пронајдено од сопствениците на имотот. Според мештаните, сцената била потресна, а луѓето од селото останале во шок по трагедијата.
Неутешниот дедо на момчето низ солзи зборувал за трагедијата и открил дека детето следниот месец требало да наполни четири години.
Жителите на селото велат дека кучето било врзано, но посочуваат дека местото каде што се наоѓало не било доволно обезбедено и оградено.
По трагичниот настан, Обвинителството во Бузау отвори истрага за да се утврдат сите околности под кои дошло до смртта на детето. Под истрага се и сопственикот на кучето и лицата кои во моментот се грижеле за детето.
Првиот обвинител Алин Атанаси изјавил дека ќе се испитува дали постои одговорност кај сопственикот на животното или трагедијата се случила поради небрежност.
Случајот повторно ја отвори дебатата во Романија за безбедноста и контролата на опасните животни, особено по неколкуте трагични инциденти во изминатите години кои ја потресоа јавноста во земјата.







