Евроинтегративниот пат на Македонија и натаму е оптоварен со несогласувањата со Бугарија, откако последните разговори во Софија не донесоа видливо приближување на позициите на двете страни.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски престојуваше во бугарската престолнина на билатерални разговори, но пораките што пристигнаа од официјална Софија останаа непроменети.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, одговарајќи на пратенички прашања во парламентот, порача дека Бугарија не прифаќа повторно преговарање за условите поврзани со македонскиот европски пат.
Според ставот на Софија, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав треба да се реализира пред продолжувањето на суштинската фаза од пристапните преговори, а Бугарија не го прифаќа предлогот уставните измени да стапат во сила дури по завршувањето на преговорите.
Бугарската страна останува резервирана и кон идејата за поширока примена на квалификуваното мнозинство во процесот на проширување на Европската Унија.
Од друга страна, македонската Влада продолжува да бара механизми со кои, според нејзините ставови, би се обезбедил попредвидлив преговарачки процес и би се спречило отворање нови билатерални прашања во текот на пристапувањето.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве позитивно го оцени предлогот на Европската комисија за користење квалификувано мнозинство при дел од меѓучекорите во пристапните преговори, оценувајќи дека тоа покажува оти во ЕУ се препознава проблемот со можната злоупотреба на ветото.
Во документот на Европската комисија „Подготовка за поширока Унија“ навистина се разгледува можноста квалификуваното мнозинство да се користи при отворање преговарачки кластери и други меѓуодлуки, додека едногласноста би останала потребна за конечниот прием на нова членка.
Македонската Влада гледа сличност меѓу ваквиот пристап и сопствениот предлог уставните измени да имаат одложено дејство, односно да стапат во сила по завршувањето на преговорите.
Софија, сепак, засега категорично ја отфрла таквата можност и инсистира на почитување на веќе договорената европска рамка.
Со тоа, по последната дипломатска рунда останува отворено прашањето дали Брисел ќе успее да создаде механизам што ќе овозможи продолжување на македонските преговори, или разликите меѓу Скопје и Софија ќе продолжат да го одложуваат следниот чекор на земјата кон членство во ЕУ.










