Американското Министерство за одбрана планира во живо да го пренесува извршувањето на смртната казна над Нидал Хасан, поранешен мајор и воен психијатар осуден за нападот во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година. Претставник на Пентагон потврдил дека е планиран пренос во живо, но деталите за начинот на емитување сè уште не се објавени.
Егзекуцијата е закажана за 3 декември 2026 година во 13 часот по локално време во Форт Худ и треба да биде извршена со стрелачки вод. Американската армија официјално го потврди датумот откако претседателот Доналд Трамп ја одобри смртната казна на 2 октомври.
Хасан беше осуден за нападот од 5 ноември 2009 година, кога во Форт Худ уби 13 лица и рани уште 32. Во 2013 година воен суд го прогласи за виновен и му изрече смртна казна.
Доколку егзекуцијата биде спроведена како што е планирано, тоа ќе биде првото погубување со стрелачки вод од страна на американската војска од 1945 година и првата американска воена егзекуција со кој било метод од 1961 година.
Најавата дека целиот чин би можел да биде пренесуван во живо предизвика голема дебата во САД и во странство. Потпретседателот Џеј Ди Венс во петокот изјави дека не знае дали Пентагон на крајот навистина ќе го реализира планот за директен пренос, што значи дека деталите околу емитувањето сè уште не се целосно финализирани.
Важно е и појаснувањето дека Хасан не би бил првиот осуденик воопшто во САД погубен со стрелачки вод од 1945 година, туку првиот што на тој начин би бил погубен од американската војска по Втората светска војна.






