Трајко Бојковски е осуден на доживотен затвор откако Основниот суд во Куманово го прогласи за виновен по сите шест точки од обвинението – за четири убиства и два обиди за убиство.
Претседателот на судскиот совет Мирсад Суроји при образложувањето на пресудата истакна дека судот, врз основа на материјалните докази, биолошките и ДНК-трагите, психијатриското вештачење и исказите на преживеаните жртви, ја утврдил фактичката состојба надвор од разумно сомнение.
Според него, судот се соочил со еден од најтешките и најкомплексни предмети во поновата судска историја во земјава, кој опфаќа сериско одземање човечки животи и исклучително девијантно однесување.
Судскиот совет не утврдил ниту една олеснителна околност во корист на обвинетиот.
Во образложението било посочено дека начинот на извршување на делата, мотивите и однесувањето кон жртвите покажуваат висок степен на криминална упорност и целосно отсуство на емпатија и каење.
Судијата наведе дека кај дел од делата биле утврдени и сексуално девијантни постапки врз жртвите по нивната смрт, што судот го оцени како исклучително тешко нарушување на човечкото достоинство.
Според судот, Бојковски претставува трајна опасност за општеството, поради што доживотниот затвор е оценет како единствена соодветна санкција.
„Целта на ваквата казна не е ресоцијализација, туку трајна и апсолутна изолација од слободното општество“, порача Суроји.
Обвинителот Љубомир Лапе, кој го застапуваше обвинението, оцени дека судот правилно ја утврдил фактичката состојба и изрекол казна која одговара на тежината на делата.
Тој посочи дека станува збор за кривични дела од најтежок облик и дека, според проценката на обвинителството, кај Бојковски не постои реална можност за ресоцијализација.
Бојковски е прогласен за виновен за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за обидите за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска.
Тој останува во притвор до правосилноста на пресудата.






