Две лица се убиени, а уште едно е повредено во вооружен инцидент што денеска се случил во селото Долно Ливоч, во близина на Гњилане, Косово.
Според првичните информации, жртвите се маж и жена на возраст од околу 30 години.
Косовската полиција била известена за пукањето околу 14:25 часот, по што на местото веднаш пристигнале полициски екипи и двајца обвинители.
При увидот, во автомобил било пронајдено безживотно тело на маж, за кого постои сомнение дека бил застрелан.
Во приближно исто време, во Општата болница во Гњилане била донесена и жена на слична возраст, но лекарите констатирале дека таа починала.
Полицијата се сомнева дека двете жртви биле нападнати од исто лице.
Во инцидентот било повредено и трето лице, кое по првичната медицинска помош било префрлено во Универзитетскиот клинички центар во Приштина на понатамошно лекување.
Според неофицијални информации на локалните медиуми, осомничениот наводно ги убил својата сопруга и еден од нејзините браќа, додека ранетиот 48-годишен маж наводно е нејзин чичко.
Овие информации засега не се официјално потврдени од косовската полиција.
По нападот, осомничениот сам се предал во полиција, а надлежните го одзеле и огненото оружје за кое се сомневаат дека било употребено во двојното убиство.
Мотивот за нападот засега не е познат.
Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности под кои се случил трагичниот настан.






