Две вредни слики на францускиот импресионист Пјер-Огист Реноар, украдени пред околу еден месец од музеј на Француската ривиера, се пронајдени, а во врска со случајот се уапсени шест лица.
Информацијата ја потврди градоначалникот на Кањ-сир-Мер, Брајан Масон.
Кражбата се случила во раните утрински часови на 8 септември во музејскиот комплекс „Реноар“.
Според досегашните информации, сторителите направиле отвор во оградата на градината, по што во објектот влегле преку прозорец.
Биле украдени делата „Мадам Колона Романо“ и „Млада жена кај бунарот“, кои се во сопственост на музејот „Орсе“ во Париз и во тој период биле позајмени на музејот во Кањ-сир-Мер.
Делата на Реноар на светските аукции можат да достигнат вредност од десетици милиони долари.
„Оваа вест носи огромна радост и големо олеснување за градот Кањ-сир-Мер и неговите жители“, изјави градоначалникот Масон.
Засега не се објавени детали за тоа каде и на кој начин биле пронајдени украдените слики.
Јавното обвинителство во Марсеј не соопштило повеќе информации за текот на истрагата, додека градоначалникот најавил прес-конференција на која се очекуваат дополнителни детали.
За време на кражбата сторителите се обиделе да однесат уште две слики – „Мадам Пишон“ и „Коко чита“, на која е прикажан најмладиот син на Реноар, Клод.
Тие дела, сепак, биле оставени во градината откако полицијата, предупредена од алармот, пристигнала на местото и започнала потера по крадците.
Истрагата продолжува, а шестмината уапсени се осомничени за поврзаност со кражбата.










