Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, предизвика жестоки реакции во Украина по објавувањето снимка од неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Виткоф пристигна во Кремљ заедно со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, во рамки на засилените дипломатски напори за постигнување договор за завршување на војната во Украина.
Според транскриптот од средбата, Путин на почетокот истакнал дека ситуацијата што треба да се реши е „тешка“, нагласувајќи го значењето на довербата меѓу страните вклучени во посредувањето.
Вниманието, сепак, го привлече одговорот на Виткоф. Тој му се заблагодарил на Путин за поканата, а потоа раскажал за разговорот што претходно го водел со Кушнер и руските претставници Кирил Дмитриев и Јуриј Ушаков.
„Зборувавме за тоа како еден ден, кога ќе се пензионираме, ќе имаме неверојатни приказни и спомени, а вашите ќе бидат на самиот врв“, му рекол Виткоф на Путин.
Токму ваквиот тон предизвика остри реакции на социјалните мрежи, особено меѓу Украинците.
Украинскиот новинар Илија Пономаренко реагираше на видеото со кратката порака: „Ќе повратам“, изразувајќи го своето незадоволство од срдечниот настап на американскиот претставник кон Путин.
Според информациите што ги пренесуваат американските медиуми, делегацијата разговарала со Путин за пошироки планови и следните чекори во дипломатскиот процес, но деталите од разговорите засега не се целосно објавени.
Средбата доаѓа во период на засилени обиди за дипломатско решение на војната, а начинот на кој американските претставници комуницираат со Москва внимателно се следи и во Киев.
Видео:









