Јапонија погуби 58-годишен маж осуден на смрт за подметнување пожар во салон за игри на среќа во Осака, во кој животот го загубија пет лица, а уште десет беа повредени.
Сунао Таками беше осуден за нападот од јули 2009 година, кога истурил бензин и го запалил објектот во близина на својот дом. Во огнената стихија загинале четворица посетители и еден вработен.
Таками бил уапсен следниот ден, откако самиот се пријавил во полиција. Смртната казна станала правосилна во 2016 година, кога Врховниот суд ја одбил неговата жалба.
Неговите адвокати тврделе дека страдал од ментално нарушување и барале поблага казна. Тие го оспорувале и начинот на кој во Јапонија се извршува смртната казна – со бесење, но судот оценил дека постапката е во согласност со законот.
Министерот за правда Хироши Хирагучи изјави дека станува збор за злосторство со исклучително тешки последици, кое предизвикало голем шок и страв во јавноста. Тој ја одобрил егзекуцијата по, како што наведе, внимателно разгледување на случајот.
Погубувањето било извршено во притворскиот центар во Осака.
Според јапонското Министерство за правда, во земјата во моментов има околу 100 затвореници осудени на смрт.
Смртната казна и понатаму предизвикува сериозни дебати во Јапонија, особено околу човековите права, ризикот од погрешни пресуди и прашањето дали егзекуциите навистина придонесуваат за намалување на криминалот.







