Американските разузнавачки служби предупредуваат дека рускиот претседател Владимир Путин нема намера да застане со војната во Украина и дека неговата крајна цел е целосна окупација на земјата, како и проширување на руското влијание врз делови од Европа кои некогаш биле под Советскиот Сојуз.
Според информации на Ројтерс, повикувајќи се на шест извори запознаени со разузнавачките проценки на САД, воените и политичките цели на Кремљ останале непроменети од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. Овие оценки се во спротивност со пораките од Белата куќа, каде што американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим тврдат дека Русија е подготвена за мировен договор.
Слични предупредувања доаѓаат и од Украина. Генерал-потполковникот Кирило Буданов, шеф на украинската воена разузнавачка служба, изјави дека според нивните сознанија, стратешката визија на Москва е континуирано територијално ширење.
„Разузнавањето отсекогаш укажувало дека Путин сака повеќе“, изјави за Ројтерс Мајк Кугли, демократски конгресмен и член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом на САД. Според него, европските земји, особено Полска и балтичките држави, одамна се убедени дека се следната цел на руските амбиции.
Во моментов, Русија контролира околу 20 проценти од украинската територија. Кремљ ги смета анектираните региони Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, како и Крим, за составен дел од Руската Федерација. Како дел од мировните иницијативи, администрацијата на Трамп врши притисок врз Киев да се повлече од делови на Донецк, предлог што украинскиот претседател Володимир Зеленски и голем дел од јавноста категорично го отфрлаат.
И покрај тоа, Белата куќа тврди дека се направени значителни чекори напред. Неименуван американски функционер изјави дека мировниот договор е „поблиску од кога било“.
На својата последна годишна прес-конференција, Владимир Путин изрази подготвеност за разговори, но без да понуди конкретни компромиси. Тој нагласи дека условите на Русија мора да бидат прифатени и додаде дека руските сили годинава напредувале на површина од околу 6.000 квадратни километри.
Дури и во редовите на американската администрација постои скептицизам. Државниот секретар Марко Рубио призна дека не е сигурно дали Путин навистина сака договор или целосна победа.
„Не знам дали Путин сака мир или сака да ја преземе целата земја. Тоа се работи што тој јавно ги кажува“, изјави Рубио.
















